ПАТРОНЕН ПРАЗНИК НА УЧИЛИШТЕТО

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола оваа година прославува 50 годишен јубилеј свое постоење и успешна работа. Од 1-5 Април по повод одбележување на Патрониот празник на училиштето, се организираа низа активности и Свечена Академија. Во продолжение, обраќањето на Директорот на училиштето М-р Роберт Филиповски:

ВО ЧЕСТ НА НАШИОТ ПАТРОН

Почитувани колеги ! Нека ни е честит 5 Април – Патронен празник на нашето училиште ! Нека ни е честит 50 годишниот јубилеј !

50 генерации бројни ученици и вработени со гордост го носеле и го носат името на својот патрон Ѓорѓи Сугарев. Битолски учител, војвода и револуционер. Борец, праведен и правичен човек, наша и општо македонска гордост достојна за почит. Денес сакам да ја изразам мојата почит и честитки до сите Вас за досегашни вложени напори во успешното справување со сите предизвици кои со себе ги носи воспитно – образовниот процес. Нашето училиште е вистинското место каде учителскиот позив добива полн израз на својата благородност и хуманост. Надалеку познати по своите специфики и различности но и по своите успеси посебно во делот на лидерството во инклузивното образование и бројните реализирани проекти. ООУ ,,Ѓорѓи Сугарев” е училиште во кое има место и љубов за сите деца. Место каде царува вербата на секој вработен дека секое дете може да учи и да научи. ВЕЧНА ТИ СЛАВА НАШ ПАТРОНУ ЃОРЃИ СУГАРЕВ !!!

Гостување на Директорот М-р Роберт Филиповски на МРТ1

СО ТУТОРСКА НАСТАВА ПРЕКУ РОМАКТЕД ПРОГРАМАТА ПОСТИГНАТИ РЕЗУЛТАТИ КАЈ 70 УЧЕНИЦИ

Од месец април до декември 2023 година, Општина Битола, во соработка со ОOУ „Ѓорѓи Сугарев“, реализираше туторска настава. како партнер општина, со средства обезбедени во РОМАКТЕД Програмата фаза 2, за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“, како дел од акцијата „Пост КОВИД – 19 мерки за превенција и опоравување во образованието за деца и возрасни“, финансирана во рамките на заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа. Со туторската настава беа опфатени над 70 ученици од второ, трето и четврто одделение, а ја спроведуваа 6 тутори, раководени од еден консултант.

Градоначалникот Коњановски, денес ги посети учениците кои беа вклучени во туторската настава, најавувајќи нејзино продолжување, со финансиска поддршка од општинскиот буџет.

Директорот на училиштето „Ѓорги Сугарев“, М-р Роберт Филиповски, изрази благодарност до градоначалникот и Програмата Ромактед 2, нагласувајќи дека донесената одлука од општината туторската настава да продолжи, навистина е за поздравување, затоа што кај учениците забележан е видлив напредок со постигнати големи резултати.

Новогодишни донации во нашето училиште

Искрена благодарност за новогодишните донации во нашето училиште до ЈУ Национален Парк Пелистер, ФОД ДООЕЛ Новаци, Кромберт и Шуберт, Група ,, МОДУС БЕНД “, Г-дин Асан Темел од Центар Жупа кој живее и работи во Хрватска. Вашиот гест на добрина и поддршка има големо значење за нас и нашите ученици.

Ви благодариме што го збогативте овој период на дарување и создадовте атмосфера на радост и заедништво во нашето училиште. Нашите ученици Ви возвраќаат со најубави желби за успешна и весела 2024-та година!

Интернационален натпревар ДАБАР 2023

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола оваа година, како и неколку години претходно, во периодот од 13-ти до 17-ти Ноември 2023 г. се вклучи во интернационалниот предизвик натпреварот ДАБАР 2023. На овој предизвик учество зедоа вкупно 134 ученици (26 ученици од 3-то, 26 ученици од 5-то, 40 ученици од 6-то, 31 ученик од 7-мо и 9 ученици од 9-то одделение). Благодарност сите наставници-ментори кои ги вклучија своите ученици и ја помогнаа реализацијата на овој настан.

ЕВРОПСКА НЕДЕЛА НА КОДИРАЊЕ 2023

Во периодот од 7ми до 22ти Октомври 2023г. се организира Европската недела на кодирањето со цел да се промовира кодирањето и дигиталната писменост кај учениците на забавен и интересен начин. Како и претходни години, учениците од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола со свои наставници ментори активно се вклучија во оваа иницијатива. Вкупно 156 ученици од прво до деветто одделение и 18 наставници реализираа различни настани и активности. Задоволството кај учениците беше големо и покажаа интерес за вклучување во идни вакви настани. По завршување на настаните, сите учесници, ученици и наставници ќе добијат сертификат за учество.  Благодарност до сите наставници кои со своите ученици ја поддржаа оваа иницијатива и беа дел од овогодинешните настани.

09.10.2022 год.

  18 учениците од второ одделение со наставничката Невена Иванова-Толеска и Ана Нанова се вклучија во настан Учам, кодирам и се забавувам кодираа и  креираа цртежи преку алатка за вештачка интелегенција scribble diffusion

  Кодираме со микробит беше настанот во кој се  се вклучија 16 учениците од 6то одделение со наставничките Биљана Темелкова и Оливера Шиклеска-Грозданова и креираа едноставни микробит проекти.

12.10.2023

  Вкупно 16 ученици од 9то одделение со наставничките Марика Лазовска Целакоска и Марија Силјановска креираа едноставни scratch проекти на тема Вештачка интелегенција.

13.10.2023

  На тема  Вештачка интелегенција и уметноста 23 ученици од 4то одделение со наставничките Сунчица Бендевска и Елена Штраклевска Мицевски се запознаа со алатка за вештачка интелегенција и ја користеа за креирање на нивни уметнички дела.

16.10.2023

   Учениците од петто одделение со наставничката Наташа Тодоровска реализираа настан Учиме со ЕДУ Академија од Битола кои презентираа нивни готови модели, креации и роботи и на едукативен и забавен начин ги воведоа во светот на роботикатакој не опкружува.

17.10.2023

   10 учениците од четврто одделение со наставничката Моника Делова имаа активности без интернет за креирање цртежи со pixel art.

18.10.2023

    Учениците од петто одделение со наставничката Билјана Рахманова Тасева креираа цртежи со алатка за вештачка интелегенција

          Вкупно 18 ученици од 7мо одделение со наставничката Александра Пинза и Јасминка Секулова се вклучија во проект со заеднички код и креираа цртежи во pixel art.

20.10.2023

  На тема Кодирањето е забавно 16 ученици од трето одделение со наставничките Наташа Алабаковска Апчевска и Роза Георгиевска реализираа настан со заеднички код и креираа цртежи во pixel art.

 Во настанот Кодираме беа вклучени 10 ученици од трето одделение со наставничката Виолета Момчиловска 

Учениците од 9то одделение со наставницчките Фросина Јанкоска и Сузана Ристевска се вклучија во предизвикот Escape Room, што беше дел од Предивиците на Неделата на кодирање.

24.10.2023

           Доделување сертификати на учесниците кои беа дел од Европската недела на кодирање 2023

                                                                                          Извештајот го подготвил,

                                                                        EU CodeWeek Leading Teacher

                                                                                 М-р Оливера Шиклеска-Грозданова

Пламенот наш октомвриски вечно гори

Ученици од ООУ„ Ѓорѓи Сугарев“ – Битола учествуваа на литературниот конкурс „Пламенот наш октомвриски вечно гори“ по повод одбележување на 11 Октомври- Денот на востанието на македонскиот народ и Денот на борецот. Конкурсот беше организиран од Општинскиот одбор на Сојузот на борците од народноослободителната и антифашистичката војна- Битола.

На 14.10.2023 на платото во Офицерскиот дом, учениците од 5-2 одделение под менторство на одделенскиот наставник Наташа Тодоровска го претставуваа нашето училиште со изведба на прекрасната композиција„ Заветна“. Пофални зборови за уметничката изведба добивме од градоначалникот д-р Тони Коњановски, а учениците имаа можност и за заедничка фотографија.

Проект за медиумска писменост – Младите размислуваат

Бирото за развој на образованието и Македонскиот институт за медиуми,во координација со МОН, организираа обука за воведување медиумска писменост во наставните програми.

Проект на УСАИД за медиумска писменост

Обуката се реализираше во нашето училиште од 4 до 5 Октомври и истата ја следеа одделенските наставници и наставниците кои предаваат Македонски јазик од VI до IX одделение.

Посета на Национален парк Галичица

Еколошка едукација и подигање на јавната свест кај учениците за заштита на природата, развивање на позитивни еколошки практики и однесување во природа 💚

🐞Ученици од ОУ Ѓорѓи Сугарев 🐞 Оливера Шиклеска-Грозданова, Сузана Ристевска и Биљана Темелкова 🐞

👉Едукатори: Ангела Тасеска Национален парк Галичица и Виолета Сотировска Национален парк Пелистер 💚

🐝Низ игра учевме за:

– кој живее во Националниот парк Галичица

-научивме што има во Инфоцентарот

– истражувавме во природа

-со мрежа баравме пеперутки

-набљудувавме под микроскоп инсекти

-ги откривавме боите во природата

Претставници од “Macedonia Schools Project “ од Америка во посета на нашето училиште

На  20.09.2023 година нашето училиште ООУ” Ѓорѓи Сугарев “ беше посетено од претставници  на “Macedonia Schools Project “ ( Здружение на граѓани од Америка , непрофитабилна организација ) кои  две години по ред инвестираат во нашето училиште. Во рамките на оваа соработка беа опремени со нагледни средства неколку кабинети од природните науки, беа набавени три клима уреди за кабинетите од најгорниот спрат на училиштето,  како и беа опремени два кабинети за најмалите учесници во образовниот процес – првачињата.

Во знак на благодарност директорот  им додели благодарници на  претседателот на МСП  г-дин Блажо Миташев ,членот на Одборот на МСП, г-ѓа Васја Јорданова и поранешниот претседател на МСП, г-дин Том Линехам.

Нашата соработка продолжува и во иднина .

ООУ ,,Ѓорѓи Сугарев ‘‘- Битола избрано во проектот ,,Квалитетно образование за сите‘‘

Во периодот од 22.06.2023 г. до 23.06.2023г. во Охрид се одржа конференција ,,Квалитетно образование за сите‘‘ во организација на Советот на Европа и Министерството за образование и наука на која учествуваа претставници-професионалци од битолското основно училиште ,,Ѓорѓи Сугарев ‘‘ со цел започнување на проектот „Едукација за демократска култура – од политика до пракса“.

Од вкупно 25 избрани пилот училишта во Македонија, основното училиште ,,Ѓорѓи Сугарев ‘‘ќе земе учество во имплементација на проектот кој се спроведува за прв пат во нашата држава.

Процесот на селекција на училишта кој е базиран врз основа на специфично дизајнирани критериуми, вклучувајќи ги училишните практики, регионалната рамнотежа, различноста и справувањето со дискриминацијата, имаше за цел да ги идентификува образовните институции кои ќе го отворат патот за позитивни промени во образовниот систем.

 Конференцијата служеше како платформа за споделување искуства каде учесниците можеа да се вклучат во значајни дискусии за промоција на демократските вредности и човековите права во рамките на образованието.

Пилот училиштата ќе станат дел од националната мрежа на демократски и инклузивни училишта која ќе функционира како заедница за размена на добри практики и  размена на искуства.

 Водечкиот проект на Советот, Референтната рамка за компетенции за демократска култура (РФЦДЦ), беше претставен како алатка за опремување на младите луѓе со потребните вештини за одбрана и унапредување на човековите права, демократијата и владеењето на правото. Тој, исто така, се фокусира на овозможување активно учество во демократските средини и поттикнување мирен соживот во мултикултурните општества. Во текот на конференцијата, учесниците имаа можност да споделат и дискутираат за националните и регионалните искуства, иновациите и научените лекции од имплементацијата на референтната рамка во останати региони. 

Проектот „Квалитетно образование за сите‘‘ ќе се спроведува  од декември 2022 до ноември 2025 година.

ТУТОРСКА НАСТАВА ЗА ДЕЦАТА РОМИ ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА РОМАКТЕД 2

Во тек е спроведувањето на акцијата „Пост КОВИД – 19 мерки за превенција и опоравување во образованието за деца и возрасни“, финансирана во рамките на заедничкиот проект на Европската унија и Советот на Европа, РОМАКТЕД Програмата фаза 2, за „Промовирање на добро управување и зајакнување на Ромите на локално ниво“.

По потпишаниот договор помеѓу Советот на Европа и општина Битола и објавениот јавен повик за ангажирање на тутори за поддршка на ученици Роми од 2,3 и 4 одделение во основното училиште „Ѓорѓи Сугарев“ во Битола, веќе трет месец се изведува туторска настава во ова училиште.

Акцијата има за цел да го унапреди квалитетот на образование за децата Роми во основно образование, кои беа дел од наставата на далечина за време на пандемијата со КОВИД – 19 и се соочија со различни предизвици, од кои произлегоа значителни последици во однос на намалување на квалитетот на образование за учениците Роми.

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски ги посети учениците кои следат туторска настава во училиштето, беше запознат со предизвиците со кои се соочуваат учениците и туторите, како и за поволностите кои што се резултат на следењето на оваа дополнителна настава. Учениците и туторите го искажаа задоволството од активностите, кои во значителна мерка ќе го подобрат квалитетот на образованието на децата Роми.

Дополнителната образовна туторска поддршка се обезбедува по предметите македонски јазик, математика и англиски јазик. По добиените податоци од ОУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола, туторската поддршка ја добиваат околу 70 ученици, од страна на шест тутори и еден консултант, кои се ангажирани 7 месеци. Акцијата се изведува во два дела, од април до јуни и од септември до декември.

Во рамките на проектот набавени се материјали за учениците и туторите, кои им се потребни за поквалитетно изведување на туторската настава.